РГФ

РЕЗЕРВЕН ГАРАНТЕН ФОНД
ИСТОРИЈА

РГФ

РЕЗЕРВЕН ГАРАНТЕН ФОНД

Обезбедување на стабилен платен систем и порамнување на трансакциите е основна цел на КИБС АД Скопје како оператор на платниот систем на мали меѓубанкарски плаќања со значајно пазарно учество во платежните услуги. КИБС презема највисоки мерки за да го обезбеди порамнувањето, со цел секој оној што иницира трансакции преку КИБС да биде сигурен дека истите точно и навремено ќе бидат порамнети и извршени со одобрување на сметките на примачите.

КИБС континуирано работи на развој, унапредување и примена на современи методи и техники на клиринг и порамнување во согласност со меѓународните стандарди , за да обезбеди непречено и сигурно извршување на малите меѓубанкарски плаќања на најефикасен начин, обезбедувајќи висок степен на доверливост. Обезбедувањето стабилност кај меѓубанкарскиот платен промет несомнено придонесува во подобрување на работењето и функционирањето на клиентите на банките, граѓаните и останатите субјекти.

Усогласувајќи го своето работење со Принципите за инфраструктури на финансискиот пазар на Банката за меѓународно порамнување во Базел и во рамките на хармонизација со стандардите на Единствената платежна област во евра (SEPA) презема повеќе мерки, меѓу кои најзначајна е воведувањето на Резервен гарантен фонд (РГФ) со кој се обезбедува ефикасно управување со ликвидносниот ризик во платниот систем на КИБС. РГФ е наменет да обезбеди доволно ликвидни средства за да се заврши порамнувањето на платните обврски во истиот ден со висок степен на доверба во широк опсег на потенцијални стрес сценарија во случај на неможност за намирување на обврските на било кој учесник во платниот систем во екстремни, но веројатни пазарни услови.

Имајќи ги во предвид барањата на принципите за платните системи, најдобрите пракси, препораките на НБРСМ во улога на надзор, како и учесниците во платниот систем на КИБС – банките, во претходниот период е формиран РГФ во кој се издвоени индивидуални средства на банките согласно нивното учество во порамнувањето на меѓубанкарските плаќања во рамки на едно клириншко порамнување/ден. Средствата се издвоени на посебна сметка со цел плаќањата на клиентите да бидат обезбедени за порамнување, дури и во случај на стечај на некој учесник во платниот систем, средствата да стигнат на сметка на примачот.

По формирањето на РГФ и извршените тестирања утврдено е дека издвоените средства на банките во РГФ се доволни да обезбедат порамнување и во широк спектар на случаи на ликвидносни проблеми при порамнување на учесник (порамнување и на учесник со најголема негативна нето позиција). Тоа е потврда дека со обезбедените средства во РГФ ставен е под контрола ликвидносниот ризик на платниот систем. Истото се однесува и во случај кога повеќе учесници во платниот систем на КИБС истовремено имаат ликвидносни проблеми во моментот на порамнување, што е потврда дека е ставен под контрола и системскиот ризик кој се појавува во платните системи како резултат на домино ефект. Потврда за наведениот квалитет на платниот систем доаѓа и од извештаите кои произлегуваат од надзорот на платниот систем согласно стандардизирана методологија за надзор од страна на НБРСМ како релевантна надлежна институција за надзор.

Едноставно кажано: Корисниците на платниот систем за мали меѓубанкарски плаќањата (начин 2), во чие порамнување учествува КИБС, можат да сметаат на безбеден и сигурен трансфер на нивните средствата до определената дестинација во предвиденото време.


ИСТОРИЈА

Советот на НБРМ во 2016 година донесе

  1. Одлука за критериумите и стандардите за работењето на платните системи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/2016) и
  2. Одлука за начинот и методологијата на надзор на платните системи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/2016)

Со наведените Одлуки постави обврска за исполнување на Принципи за инфраструктура на финансиските пазари на Комитетот за системите за плаќање и порамнување при Банката за меѓународно порамнување и Одборот на Меѓународната организација на комисиите за хартии од вредност.

Со цел усогласување на работењето на КИБС и исполнување на обврските кои произлегуваат од одлуките на НБРСМ, по извршената категоризација, КИБС е рангиран како значаен платен систем при што треба да го исполни барањето број 3 од Принцип 7 Ликвидносен ризик кој гласи: „Платен систем, вклучувајќи и систем што користи механизам на одложено нето порамнување, треба да одржува доволно ликвидни ресурси во сите релевантни валути за да се изврши порамнување на платните обврски во истиот ден и онаму каде што е соодветно, интрадневно и повеќедневно порамнување со висок степен на доверба во широк спектар на потенцијални стрес сценарија коишто треба да вклучат (но да не се ограничени на тоа) неможност за намирување на обврските на учесникот и неговите поврзани лица којашто би создала најголема вкупна ликвидносна обврска за платниот систем во екстремни, но веројатни пазарни услови“

Управниот одбор на КИБС во месец март 2017 година донесе Одлука за основање на РГФ.

За потребите на РГФ формирано е Работно тело со членови од банките, стручни лица од областа на ликвидноста, вработени во КИБС, како и интерактивна соработка со Дирекцијата за платни системи во НБРСМ, со цел изнаоѓање на оптимално решение за утврдување на големината на РГФ, индивидуалното учество на учесниците во платниот промет, користењето на средствата и условите по кои ќе се користат средствата.

Согласно Правилата на РГФ верзија 3.0, Операторот на РГФ (КИБС) секој работен ден врши утврдување на дневното индивидуално учество во РГФ кое треба да е еднакво на максималното нето дневно изложување на учесникот во клириншките пресметки на КИБС во последните 400 календарски дена.

За утврдениот износ секој учесник има обврска за издвојување на средства во РГФ на сметката за РГФ во МИПС. Издвоените средства се коригираат/одржуваат најмалку до износот на нето изложувањето согласно утврденото индивидуално учество за соодветниот пресметковен ден.

На индивидуално учество во РГФ се утврдува зголемување во случај кога учесник при порамнувањето во еден клириншки ден има нето изложување поголемо од неговото индивидуално учество во РГФ и истовремено во тој ден нема доволно средства за порамнување на пресметковна сметка во МИПС. Зголемувањето се врши со коефициент пресметан како количник од нето изложувањето и издвоени средства на учесникот во РГФ за денот во кој учесникот има максимално изложување, земајќи ги во предвид податоците од последните 400 дена.

Вкупно издвоени средствата на сметката на РГФ изнесува околу 2 милијарди денари со што е постигнато високо ниво на обезбедување од ликвидносниот и системскиот ризик на платниот систем на КИБС.